Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, со што се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација, преку појасно изразување и евидентирање на личната волја на граѓаните, проширување на можностите за лекување и отстранување на дел од административните пречки во системот.
Од Министерството за здравство велат дека законот претставува значаен чекор кон пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем на органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и на јавното здравје, како и дека ќе останат посветени на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста.
За министерот Азир Алиу, промените во законот не се само правна реформа, туку и порака дека животот, достоинството и солидарноста се во центарот на нашите политики.
„Донирањето органи е еден од највисоките акти на хуманизам – моментот кога болката на едно семејство може да се трансформира во надеж и живот за друго. Горд сум што градиме систем во кој хуманизмот станува конкретно дело. Силата на една држава се мери според животите што успева да ги заштити“, смета Алиу.
Според измените, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството.
Измените предвидуваат и проширување на можностите за лекување преку проширување на кругот на живи дарители до четврти степен на сродство, при целосно почитување на сите етички, медицински и законски стандарди. Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“, безбедно и со двојна верификација. Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука.







