Младиот охриѓанец Марко Пејчиновски, познат по своите извонредни спортски подвизи и инспиративни животни приказни, повторно ја мотивира јавноста со нова објава на социјалните мрежи.
Марко Пејчиновски е познат по својот неверојатен спортски подвиг кога, и покрај сериозен здравствен предизвик со некроза на коска на долните екстремитети, десет пати го преплива Охридското Езеро.
Во својата најнова објава, тој се осврнува на често повторуваната фраза „Животот е краток“, која, според него, не ја одразува вистинската суштина на животот.
„Животот е краток.“ – пишува тој, но веднаш додава дека ова е реченица што луѓето ја повторуваат толку често што „повеќето веќе ја прифатиле како вистина. А не е.“
„Не, животот не е краток. Животот е долг ако знаеш што правиш со времето што ти е дадено“, порачува Пејчиновски, нагласувајќи дека проблемот не е во времето, туку во начинот на кој го живееме.
Тој во објавата пишува и дека „луѓето што постојано велат ‘лета времето’ најчесто се истите луѓе што дозволиле годините само да им поминат – без цел или значајни моменти“.
„Така почнуваш да живееш во носталгија. Се вртиш назад кон некој стар момент и си велиш: ‘Кога поминаа годините?’“, наведува тој.
Во продолжение, Марко Пејчиновски поентира дека вистинската вредност не е во бројот на години, туку во содржината на животот:
„Имаш многу време, ама немаш време за губење.“
Тој додава дека во само една година има 8760 часа, време кое може да се искористи за „знаење, тело, карактер, спомени, пријателства, успеси“, како и за создавање нешто значајно.
„Кога деновите се исполнети со значење, времето не ‘лета’. Туку вреди“, пишува тој, додавајќи дека празното трошење на времето води кон чувство дека „ни два животи нема да бидат доволни“.
Објавата завршува со силна порака за сегашноста и свесното живеење:
„Не живеј во минатото и не жали по времето што поминало. Искористи го времето што го имаш сега.“
„Бидејќи животот не се мери по бројот на години, туку по тоа колку навистина си живеел во нив“, порачува Марко Пејчиновски.
The post Марко Пејчиновски со силна мотивациска порака: „Животот не е краток – проблемот е како го користиме времето“ appeared first on ekran.mk.








