Замислете го ова: Седите заедно на каучот, но тишината меѓу вас е погласна од кога било. Порано споделувавте сè, вашите мисли, соништа и смеа, но сега се чувствувате како странци.

Ако ова ви звучи познато, знајте дека не сте сами. Дистанцирањето во врската е универзално искуство, но не е неповратно. Со разбирање, труд и искреност, можно е повторно да се изгради мостот кон блискоста.

Во оваа статија, ќе истражиме зошто врските се распаѓаат, што велат експертите за вакви ситуации, кои се клучните чекори за повторно заедништво и како да препознаете кога е време за терапија или дури и за раскинување.

Зошто се случува дистанцирање?
Емоционалната дистанца во врската ретко се случува преку ноќ. Најчесто, тоа е резултат на кумулативни фактори кои полека се натрупуваат. Еве ги најчестите причини според експертите:

1. Стрес и преоптоварување
Современиот начин на живот остава малку простор за опуштена поврзаност. Според истражувањето на Американската психолошка асоцијација, стресот предизвикан од работата, финансиите или семејните обврски може сериозно да влијае на квалитетот на врските. Кога сте под постојан притисок, емоционалната енергија често се троши на преживување, наместо на негување на врската.

2. Недостаток на комуникација
Комуникацијата е основа на секоја успешна врска. Кога паровите престануваат да ги споделуваат своите мисли и чувства, оддалечувањето станува неизбежно. Често се случува партнерите да почнат да претпоставуваат што чувствува другиот, наместо директно да зборуваат. Но запомнете – подразбирањето е недоразбирање.

3. Рутина и монотонија
Односите честопати влегуваат во фаза каде што секојдневието презема контрола. Рутинските обрасци, иако безбедни, можат да ја задушат страста и возбудата што постоеле на почетокот на врската.

4. Нерешени конфликти
Расправиите и недоразбирањата што остануваат нерешени можат да предизвикаат чувство на недоверба и огорченост. Наместо да дејствуваат како можност за раст, конфликтите се претвораат во ѕидови меѓу партнерите.

Што можете да направите?
Ако чувствувате дека вашиот партнер се оддалечува, првиот чекор е да го признаете проблемот, не само пред себе, туку и пред партнерот. Клучот тука е емпатијата и желбата за разбирање.

1. Зборувајте отворено
Психологот д-р Сју Џонсон, авторка на „Држи ме цврсто“, ја нагласува важноста на ранливоста во комуникацијата. Наместо да го обвинувате партнерот, обидете се да ги споделите вашите чувства користејќи „јас“ изјави.

На пример: наместо „Не ме сакаш повеќе“, кажете: „Чувствувам дека се оддалечуваме и би сакала да разговараме за тоа“.

2. Запомнете ги почетоците
Потсетете се на времето кога првпат се заљубивте. Што ве спои? Што сакавте да правите заедно? Понекогаш е корисно повторно да се потсетите на тие спомени за да се потсетите што ве поврзува.

3. Инвестирајте време во квалитетни моменти
Истражување од Универзитетот во Чикаго покажало дека паровите кои редовно поминуваат време заедно, без одвлекување на вниманието од технологијата, имаат повисоко ниво на задоволство од врската. Планирајте активности заедно, како што се прошетка, готвење или дури и волонтирање заедно.

„Промената не се случува преку ноќ. Покажете му на вашиот партнер дека сте спремни да работите на врската, но бидете свесни и дека е потребно време за повторно поврзување“.

Кога е време за терапија?
Понекогаш само разговорот и трудот не се доволни. Доколку сметате дека проблемите се повторуваат или се премногу сложени за сами да ги решите, размислете за терапија за парови.
Според анкетата на Американската асоцијација за брачна и семејна терапија, 98% од паровите кои избираат терапија велат дека таа им помогнала да ја разберат својата врска. Во Македонија, исто така, има сè поголем број експерти кои работат со парови, но пред да закажете состанок, препорачуваме внимателно да прашате дали одреден психолог и/или психотерапевт има искуство во таа област, во спротивно терапијата нема да вроди со плод.

Побарајте помош ако разговорот не помогнал, ако конфликтите ескалираат наместо да се решат, ако едниот или двајцата партнери чувствуваат емоционална празнина или ако постојат проблеми како неверство или зависност.

Терапијата може да обезбеди безбеден простор за искрен разговор, а терапевтот може да помогне во идентификувањето на обрасците на однесување што придонесуваат за дистанцирање.

Кога е време за заминување?
За жал, постојат ситуации кога, и покрај сите напори, врската повеќе не може да функционира. Според експертите, клучните знаци дека е време да се размисли за раскинување се:
– хроничен недостаток на почит
– одбивање да комуницира или да работи на врската
– злоупотреба од било каков вид
– целосно губење на заедничките вредности или цели

Крајот на врската никогаш не е лесен, но понекогаш тоа е најздравата одлука за двете страни. Ако се чувствувате исцрпено и несреќно и покрај сите ваши напори, можеби е време да се свртите кон нови почетоци.

Оддалечувањето од врска не мора да значи крај. Со искрена комуникација, труд и, доколку е потребно, стручна помош, можно е повторно да се пронајде блискост и да се врати довербата. Но, подеднакво е важно да се препознае кога е време да се откажеме, бидејќи секој заслужува врска полна со љубов, почит и заедништво.

Фото: Архива