Mинистерот за здравство, Сашо Клековски во изјава ги нарече докторите кои во медиумите и на социјалните мрежи коментираат за случајот со загадувањето на водата во Гостивар, слободни јавачи на епидемијата. Тој ги критикуваше лекарите кои зборуваат, а не се епидемиолози и инфектолози и апелираше до граѓаните да ги слушаат и да веруваат само на службените информации кои излегуваат од институциите и уверува дека состојбата ја имаат под контрола.

„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали“, рече Клековски.

Потенцираше дека Министерството ја следи состојбата, а Инфективната клиника има најширок панел на бактерии и вируси што може да се контролираат и дека нема вирус кој не може да биде детектиран. Клековски најави дека водата ќе биде ставена во употреба кога ќе биде сигурна за користење.

„Не се утврдени агенси кои би предизвикале промена на клиничката слика после оваа ситуација. Од она што јас го имам видено како резултати, тоа се вируси и бактерии кои даваат веднаш клиничка слика, како што ја имаме со стомачни проблеми и треска“, вели Клековски.

Докторот Никола Пановски, кој деновиве случаите со труењето на жителите на Гостивар ги коментираше во повеќе медиуми, по изјавата на Клековски на својот фејсбук профил побара новинарите веќе да не му бараат изјави.

„Јавно го замолувам Министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, Слободен печат и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат. Инаку мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи 2 дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат “хипотетично” за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, пишува Пановски.