Повеќе од 8.300 повици биле примени на Единствениот број за итни случаи 112 во периодот од 17 до 21 часот, по силното невреме што денеска го зафати Скопје, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК велат дека операторите на службата работат со полн капацитет, а поради наглото зголемување на бројот на повици, уште во првиот час биле ангажирани дополнителни смени за да се обезбеди побрз одговор кон граѓаните.

И покрај тоа, интензитетот на повиците и понатаму е висок, а сите примени пријави континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции и служби за понатамошно постапување.

Од Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да имаат трпение и разбирање поради исклучително големиот број повици. Доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со бројот 112, пријавите за материјална штета можат да ги поднесат и во текот на утрешниот ден, по што тие ќе бидат евидентирани и доставени до надлежните служби.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, посочува дека службите остануваат ангажирани на терен и продолжуваат со обработка на сите пристигнати пријави.