До петок, под влијание на влажни и нестабилни воздушни маси, времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи. По невремето кое вчера го зафати Скопје и уште неколку градови низ земјата, УХМР најавива дека и денеска и во текот на следните неколку дена се очекуваат краткотрајни невремиња проследени со силен ветер и изолирана појава на град. Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд, а поради продор на постудена воздушна маса од север температурата значително ќе опадне.
Невреме со град се очекува и попладнево. Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, ќе има повремени врнежи од дожд и локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а некадеи изолирано невреме со појава на град. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, наместа над 60 километри на час.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во делови од котлината ќе има повремени врнежи од дожд и услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. До петок во главнот град ќе биде променливо облачно, повремено нестабилно со пороен дожд и грмежи. Можно е во делови од градот да има појава на град.







