Индија привремено ја блокираше апликацијата Телеграм поради сомнежи дека може да се користи за препишување, само неколку дена пред повторното одржување на медицинскиот приемен испит, пренесува Би-Би-Си Њуз.

Милиони студенти ќе го повторуваат Националниот тест за квалификација и прием за додипломски студии на 21 јуни, откако испитот одржан во мај беше поништен поради обвинувања за објавување на тестот пред испитот.

Националната агенција за тестирање, која го спроведува испитот, ја поздрави одлуката, наведувајќи дека таа е донесена поради „организирана употреба на платформата Телеграм од мрежи за мамење со цел измама на кандидатите“.

Телеграм засега не се огласи за одлуката. Апликацијата сè уште била достапна за корисниците во Индија неколку часа по објавата на владата, а не е јасно како ќе се спроведува забраната.

Оваа одлука повторно го стави во фокус примниот испит, клучен за влез во медицинските факултети во Индија, и неодамнешните контроверзии околу него.

На испитот на 3 мај учествувале речиси 2,28 милиони кандидати на повеќе од 5.000 центри низ Индија, но Националната агенција за тестирање го поништи поради сомнежи за протекување, што предизвика масовни протести.

Поништувањето на приемниот испит и одделен скандал поврзан со грешки во бодирањето на друг важен училишен испит доведоа до протести низ Индија со барања за оставка на федералниот министер за образование.

И во 2024 година, приемниот испит беше погоден од обвинувања за објавување на тестовите, измами и неправилности во доделување на дополнителни поени.

Дополнително, Агенцијата за тестирање наведе и дека Индискиот центар за координација на сајбер-криминал (I4C) затворил „значителен број Телеграм канали, групи и ботови“ кои отворено нуделе измамнички услуги.

Според Агенцијата за тестирање, некои оператори барале стотици илјади рупии од кандидати и нивни семејства за наводен пристап до испитот, нагласувајќи дека „нема таков испитен материјал надвор од заштитениот систем“.

Агенцијата изрази жалење за „непријатностите“ што забраната ќе им ги предизвика на граѓаните кои ја користат платформата за легитимни цели, образовни, професионални и лични.