Продолжен е рокот за аплицирање за државната поддршка со која домаќинствата ќе можат да обезбедат приклучок или котел на гас до крајот на октомври годинава. Граѓаните можат да добијат до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас. Како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за реализација на мерката се обезбедени 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивно исцрпување.
Право на аплицирање имаат домаќинства кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен
приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и домаќинства кои ќе
набават котел на гас за објект што веќе бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари
2026 година. Домаќинството може да поднесе едно барање.
„Министерството ги повикува сите заинтересирани граѓани навремено да ги поднесат
своите барања согласно условите од јавниот оглас. Повеќе информации има на сајтот на
министерството – www.energy.gov.mk“, велат од Министерството.
По завршувањето на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа
доставените апликации, а финансиската поддршка ќе биде исплатена на сите корисници
кои ги исполнуваат пропишаните услови, а целта е да им се помагне на граѓаните да инвестираат во поекономично, поефикасно и почисто греење.








