Хрватската музичка ѕвезда Vanna повторно ќе настапи во Белград, а пред концертите закажа и искрен разговор во кој се потсети на својата кариера, култниот хит „Тек е 12 сати“ и незаборавните моменти со легендарниот Оливер Драгојевиќ.
Песната „Тек е 12 сати“, објавена во 1993 година, и по повеќе од 30 години останува еден од најпрепознатливите хитови на Ванна. Пејачката за српски Пинк, откри дека речиси секогаш е дел од нејзиниот концертен репертоар.
Сепак, постои исклучок.
– Само еднаш не ја испеав. Тоа беше неколку дена по смртта на Оливер Драгојевиќ. Сите бевме премногу тажни и песната едноставно не се вклопуваше во атмосферата – изјави таа.
Говорејќи за снимањето на спотот, Ванна се потсети на поинакво време, кога музичката индустрија функционирала многу поопуштено.
– Тогаш живеевме во студио, немаше ограничувања. Сите ни излегуваа во пресрет. Дури имаше „натпревар“ кој сè ќе се појави во спотот. На крајот имаше толку луѓе што не знаевме каде да ги сместиме – раскажува таа низ смеа.
Интересно е што песната станала огромен хит и без денешните платформи како YouTube.
– Тоа покажува дека добра песна секогаш го наоѓа својот пат до публиката. Луѓето отсекогаш имале потреба да слушаат музика што ја сакаат – вели Ванна.
Пејачката со емоции зборуваше и за соработката со Оливер Драгојевиќ, кој, како што вели, оставил неизбришлива трага.
– Имав среќа многупати да настапувам со него. Тој беше вистинска икона. И денес, неговата музика живее – рече Ванна.
Таа додаде дека во Хрватска секоја година на денот на неговата смрт радиостаниците емитуваат исклучиво негови песни.








