Американскиот Сенат рано утринава му обезбеди политичка победа на претседателот Доналд Трамп, усвојувајќи закон со кој на Министерството за внатрешна безбедност (DHS) ќе му бидат доделени дополнителни 70 милијарди долари за спроведување на имиграциските политики. Законот сега оди во Претставничкиот дом на конечно разгледување, пренесува Ројтерс.
Сенатот го усвои законскиот предлог со 52 гласа „за“ и 47 „против“. Ниту еден демократ не го поддржа, а во текстот не беше вклучена одредба за укинување на фондот од 1,8 милијарди долари за борба против т.н. „политичка злоупотреба на институциите“ („anti-weaponization fund“), од кој би можеле да бидат обесштетени политички сојузници на Трамп кои тврдат дека биле неправедно третирани од владата. Еден републикански сенатор гласаше против законот.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Џон Тјун, изјави дека прашањето околу фондот е „затворено“, повикувајќи се на сведочењето на вршителот на должност јавен обвинител Тод Бланш пред Конгресот, кој рекол дека Министерството за правда нема да продолжи со неговото спроведување. Демократите, пак, сметаат дека таквото уверување не е доволно. Трамп го номинираше Бланш за трајно да ја предводи институцијата.
„Многу тешко ми е да поверувам дека некој кој седел пред конгресна комисија и дал јасни изјави за ова прашање, подоцна би се предомислил и би постапил спротивно на кажаното“, им рече Тјун на новинарите додавајќи дека „не мислам дека тоа ќе се случи“.
Републиканците ги обвинуваат демократите дека сакаат да го „скратат финансирањето“ на Службата за имиграција и царина (ICE) и Граничната патрола, иако двете агенции заедно располагаат со околу 100 милијарди долари неискористени средства од поширокиот пакет за финансирање на DHS, усвоен минатата година од републиканците, кои имаат мнозинство во Конгресот.
Голем дел од долгата расправа во Сенатот во четвртокот беше засенета од обидите на демократите, но и на дел од републиканците, во законот да вметнат одредби кои не се поврзани со имиграцијата. Тие се однесуваа на забрана за користење федерални средства, па дури и приватни донации, за изградба на раскошната сала за свечености од околу 8.400 квадратни метри во кругот на Белата куќа, која Трамп сака да ја изгради.
Сенаторите дебатираа и за предлози со кои би се забранило користење федерални средства за споменатиот фонд за „политичка злоупотреба“. Ниту еден од тие амандмани не беше усвоен.
Средствата предвидени со законот ќе помогнат во финансирањето на контроверзната кампања на Трамп за масовни депортации на мигранти во следните три години.
Првичниот обид на лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, да го укине фондот, кој демократите го нарекуваат „партиски фонд“ за сојузниците на Трамп, го блокираше работењето на Сенатот со часови, откако републиканската сенаторка Сузан Колинс ја поддржа иницијативата. Подоцна ѝ се придружија и републиканците Џон Хастед и Ден Саливан.
Предлогот на Шумер беше отфрлен со 50 гласа „за“ и 49 „против“, но ја откри внатрешната поделба меѓу дел од републиканците во Сенатот. Некои од нив поднесоа сопствени амандмани за трајно укинување на фондот, само пет месеци пред изборите на средина од претседателскиот мандат во ноември.





