Доцентката на Универзитетот „Гоце Делчев’’ во Штип, која е осомничена дека побарала и примила поткуп од студент за да напише преодна оценка доби забрана да работи на факултетот.

Основното јавно обвинителство Штип информира дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување неколку мерки на претпазливост, меѓу кои и домашен притвор, обврска да се јавува во судот, привремено одземање патна исправа, забрана за приближување или воспоставување контакти или врски со студентот, како и забрана за вршење на работни активности на факултетот.

Основното јавно обвинителство Штип започна истражна постапка против 38-годишна жителка на Кочани, која се сомничи за примање поткупп. Осомничената како лице кое врши работи од јавен интерес, односно доцент на Универзитетот „Гоце Делчев’’ во Штип, директно за себе побарала корист парични средства за да изврши дејствие што не би смеела да го изврши.

„На 16 јуни, откако студент не покажал доволно знаење за да го положи испитот кај неа, таа не му впишала оценка во индексот и во електронскиот систем дека не положил туку директно побарала пари во износ од 300 евра, за да му напише шестка со која тој би го положил наведениот испит. На 29 јуни во нејзината канцеларија, ги примила парите од студентот, така што му дала инструкции да ги остави на помошната маса, помеѓу скрипта и еден лист бела хартија, а во индексот му запишала преодна оценка“, велат од Обвинителството.