На новинарско прашање за барањето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во однос на евроинтегративните процеси кои вчера ги наведе лидерот на опозицијата Венко Филипче на 32 Конгрес на партијата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не секогаш е потребно да се коментираат ставовите на опозицијата по што додаде дека во нивните пораки немало ништо суштински различно од досегашниот „фолклор“.

„Мислам дека не секогаш треба да даваме коментар на тоа што го кажува СДСМ. Еве јас можам да кажам дека од оној фолклор на кој сме навикнати да го слушаме, не видовме ништо поразлично“, рече премиерот.

Мицкоски изјави дека, како што рече, СДСМ и понатаму претставува „мекото ткиво во македонскиот национален идентитет“.

„Јас жалам што од некогашната државотворна партија, се претвори во група којашто се бори да го штити својот личен интерес, но тоа е што е, тие одбрале таква политика. Затоа понекогаш можеби и не треба да коментирааме сѐ што тие кажуваат“, изјави Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски даваше изјава за медиуми по повод работната посета на компанијата „Макпрогрес“ во Виница.

Филипче: Луѓето живеат со високи цени, ниски плати и немаат никаква сигурност