За неговото страдање известуваат Св. Григориј Богослов и блажениот Теодорит. Според тие извештаи Марко разурнал некој незнабожечки храм во времето на царот Константин и многумина ги превел во христијанската вера. Но кога на царскиот престол седна Јулијан Отстапник, со отпаѓањето на овој цар од верата во Христа и некои аретујски граѓани се одрекоа од Христа и се вратија во незнабоштвото. Сега тие се кренаа на Марко затоа што им го разорил нивниот храм, па побараа или да им изгради храм или да им плати некоја поголема сума пари. Бидејќи старецот Марко се откажа да им направи како што бараа, го биеја, го навредуваа и го влечеа по улиците. За слично дело во тоа време пострада и ѓаконот Кирил од градот Илиопол под гората Ливан. Тој беше разбил некои идоли за време на слободата на христијанството, а под Јулијан за ова беше луто мачен. Незнабожците беа толку озлобени на него, што кога го убија со заби му ја распараа утробата. Истиот ден пострадаа со него и многумина други. Злобните незнабожци ги исекоа нивните тела на парчиња, ги помешаа со јачмен и им ги дадоа на свињите. Но набрзо ги постигна казна: забите им испопаѓаа, а на усните им изби неподнослива смрдеа.
Тропар
Крвта ваша повика кон Небото, о свети маченици Христови, Марко епископ белата коса по патишта и блато ја остави, тело избодено и на потсмев предадено, но јунаштвото негово мнозина улови и демони во крајна темнина изгони, Кирил ѓакон, од јарост утроба со заби му раскинаа и со другите маченици телата собрани на свињите подадоа, молете се и за нас, вие првини на нашите поуки, по вашите молитви да се отрезниме и Бога да Го спознаеме.