Платформата за родова еднаквост најостро реагира на последните две судските одлуки кои испраќаат опасна и нечовечна порака до жените жртви на насилство: ако системот не ве заштити, ќе ве казни кога ќе се обидете да преживеете.
„Во првиот случај, жена од Кратово, за која во текот на судската постапка беа презентирани наоди дека повеќе од десет години била изложена на континуирано физичко и психичко насилство, а институциите не ја заштитиле, беше осудена на казна затвор од седум и пол години за убиството на сопругот и свекорот. Во текот на постапката беше посочено и дека долготрајното насилство оставило сериозни психолошки последици врз неа, а стручните наоди укажувале на траума предизвикана од повеќегодишно насилство и недоволна институционална заштита. Во вториот случај, лице вработено како обезбедување на премиерот на Владата на Северна Македонија доби условна осуда за насилство врз сопругата, кое вклучувало физички напад и давење, во присуство на нивното малолетно дете“, велат од платформата.
Според нив, ова испраќа порака дека насилникот може со години да тепа, дави, заканува, контролира и уништува живот, а жртвата ќе биде таа што на крај ќе ја понесе најтешката казна.
„Судот не може да се прави слеп пред долгогодишно насилство. Не може да се прави глув пред пријави, траума, страв, закани и институционален молк. Не може да суди како жената да живеела во нормални услови, кога живеела во терор. Не може да казнува жртва како да системот ја заштитил, кога токму системот ја оставил сама. Каде биле институциите кога насилството траело?
Каде биле центрите за социјална работа, полицијата, обвинителството и судот кога ризикот растел?
Кој ќе одговара за тоа што жените биле оставени без заштита?
И дали судот денес навистина сака да испрати порака дека жената треба да биде убиена за конечно да биде признаена како жртва?“ прашуваат од платформата.
Посочуваат дека кога сведочиме на алармантен број фемициди и случаи на тешко насилство врз жени, ваквите пресуди се опасни и не превенираат насилство туку го охрабруваат. Тие им кажуваат на насилниците дека системот ќе биде благ кон нив, а на жртвите дека нема кој да ги заштити.
Бараат од судовите и обвинителството веднаш да престанат да носат одлуки кои го игнорираат контекстот на долгогодишно семејно и родово базирано насилство. Бараат секој случај да се оценува низ родова перспектива, со разбирање на траумата, принудната контрола, стравот, зависноста, заканите и институционалниот неуспех.







