Ребалансот на Буџетот за 2026 година претставува „фискален аларм“ во услови на забавување на економската активност, инфлација над нивото на стабилни цени и зголемување на јавните расходи без соодветно зголемување на приходите, оценува Институтот за економски истражувања и политики Фајненс Тинк во најновиот коментар за дополнетиот Предлог-буџет за 2026 година.
Владата го усвои ребалансот во услови на зголемена глобална неизвесност и ревидирани макроекономски очекувања. Со измените, проекцијата за економски раст е намалена од 3,8 на 3,5 отсто, додека проекцијата за инфлација е зголемена од 2,5 на 4,5 отсто, пишува институтот.
Оттаму оценуваат дека проектираниот раст на БДП и по ревизијата останува преценет, додека новата проекција за инфлацијата е во линија со очекувањата врз основа на досегашните расположливи информации. Според нив, намалувањето на проекциите за раст е очекувано со оглед на неизвесностите во глобалното економско окружување предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток и од сè уште активниот конфликт во Европа.
И покрај ревидираните макроекономски претпоставки, приходната страна на Буџетот не се менува суштински. Фајненс Тинк посочува дека тоа индиректно потврдува дека првичниот Буџет бил заснован врз преоптимистички проекции на приходите.
„Вкупните приходи веќе беа проектирани да растат со годишна стапка од 12,8 отсто која ја проценивме за неверојатна“, наведува институтот потсетувајќи дека приходите во првите пет месеци од годинава се реализирани со 38 отсто и заостануваат зад пропорционалното остварување за околу четири процентни поени.
Според официјалното образложение на Владата, вкупните приходи со ребалансот се ревидираат на 379,5 милијарди денари. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, неданочните приходи се зголемуваат за околу 2 милијарди денари, а донациите за околу 2,7 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари. Според Владата, дополнителните средства се насочуваат кон законски обврски, раст на платите во одредени сектори, земјоделството, социјалната заштита, студентскиот и ученичкиот стандард, здравството и капиталните инвестиции.
Фајненс Тинк, пак, предупредува дека зголемувањето на расходите за 2,8 отсто во услови на непроменета приходна проекција „крие значајни фискални ризици“.
Со ребалансот, буџетскиот дефицит се зголемува за 17,9 отсто, односно од 3,5 на 4,1 отсто од проектираниот БДП. Во апсолутен износ, дефицитот се ревидира на 46,3 милијарди денари.
Институтот оценува дека проширувањето на дефицитот може делумно да се оправда доколку навистина е поврзано со капитални инвестиции, но потсетува дека и натаму останува долгорочната потреба да се проценува мултипликативниот ефект од капиталните расходи за да се оправда нивниот трошок.
„Кумулираниот јавен долг е скап за земја како Северна Македонија, и додавањето кон тој долг, како и неговото рефинансирање, мора да се изведуваат консолидирано и строго наменски“, наведува институтот.
Во суштина, според Фајненс Тинк, ребалансот претставува свесен избор за повисоко јавно трошење без соодветно зголемување на буџетските приходи. Дополнителниот фискален простор речиси целосно се создава преку повисок буџетски дефицит и ново задолжување.
Затоа, успешната реализација на капиталните инвестиции станува клучен предуслов за економската оправданост на оваа фискална релаксација. Ако тоа не се случи, предупредува Фајненс Тинк, повисокиот јавен долг ќе создаде трајно повисоки расходи за негово сервисирање без соодветен придонес кон идниот економски раст.
Предлог-ребалансот од 3 јули е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Комисиската расправа може да трае најмногу 10 дена, а на предлогот се поднесени вкупно 226 амандмани.








