Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, остварил билатерална средба со гувернерот на Народната банка на Кина, Пан Гонгшенг, во рамките на меѓународен симпозиум организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина, што се одржа во Шангај.

На средбата двајцата гувернери размениле мислења за актуелните глобални економски и финансиски движења, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на зголемена неизвесност во меѓународната економија. Разговорите опфатиле и прашања поврзани со спроведувањето на монетарните политики и мерките за одржување на финансиската стабилност.

Според информациите од Народната банка, посебно внимание било посветено на трговските и финансиските односи меѓу Северна Македонија и Кина. Во таа насока биле разгледани можностите за нивно натамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка меѓу двете централни банки.

Соговорниците ја истакнале и долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, при што била изразена подготвеност за продолжување и зајакнување на дијалогот, како и за размена на искуства во области од заеднички интерес.

На средбата станало збор и за можностите за соработка во процесите на дигитална трансформација на финансискиот сектор, подобрувањето на финансиската вклученост и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.

Славески и Гонгшенг се согласиле дека постои значителен потенцијал за натамошно продлабочување на соработката меѓу Народната банка и Народната банка на Кина во наредниот период.