Во моментов во медицинските центри надвор од државата се лекуваат 68 лица повредени во пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, соопштија денес од Министерството за здравство. Од таму велат дека еден пациент е испишан од медицинскиот центар во Љубљана и својот медицински третман го продолжува во друга земја каде лицето има здравствено осигурување.
Додаваат и дека се најавени неколку исписи за пациенти за наредниве денови, по финализирање на постапката со протоколите.
„Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти“, велат од Министерството за здравство.
На клиниките во Скопје се лекуваат 11 пациенти, од кои шест во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, двајца на Клиниката за токсикологија, двајца во „Систина“ и еден пациент на Клиниката за пластична хирургија, од каде тројца се испишани на домашно лекување.
Од ова министерство велат дека се следи состојбата на повредените пациенти и оти ќе продолжи информирањето на јавноста на дневна основа.