Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека од следната недела ќе започнат разговори со колаиционите партнери за реконструкција на Владата. Разговорите, како што посочи, ќе започнат по 17 јуни, кога во Струмица ќе биде одбележан роденденот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Следниот ден почнуваме со разговори со владините коалициони партнери околу реконструкцијата на Владата“, одговори премиерот.
За реконструкција на Владата се зборува од август минатата година, кога Мицкоски најави дека по локалните избори ќе се случат промени на министерските позиции, кои, според него, треба да допринесат за поголема динамика и ефикасност, но и дека не значат незадоволство од актуелните функционери. Премиерот рече дека нема да има промени во коалицискиот партнер од албанскиот блок во Владата.
Мицкоски рече дека неговата партија не сака предвремени избори, како и дека сака да го искористи мандатот од четири години што го добиле од граѓаните.
„Сакаме да одиме на редовни парламентарни избори коишто ќе се случат пролетта 2028 година. Но доколку сме предизвикани мора да сме подготвени, како и секоја сериозна политичка опција“, рече Мицкоски.







