Автопатот Скопје-Блаце ќе го гради македонската градежна компанија „Гранит“, информира вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Министерот денеска оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговарало за изградбата на автопатот Скопје-Блаце.

Од Министерството информираат дека на средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит.

После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.

„Автопатот Скопје-Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај  ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции“ велат од Министерството.

На средбата била потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што била изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.