Спорот околу измените на Изборниот законик се заострува околу предлогот за електронско гласање на дијаспората. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска порача дека неговата партија нема да дозволи, како што рече, „изборен грабеж“ оценувајќи дека предложеното решение отвора ризици за нееднаков и недоволно контролиран изборен процес.
Филипче рече дека ставовите на СДСМ за предложениот Изборен законик се јасни, аргументирани и насочени кон обезбедување еднаков и безбеден изборен процес за сите граѓани.
„Ние нашите позиции јасно ги кажавме и ги образложивме. Од што стравуваме, зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот“, истакна Филипче.
Клучната дилема, според него, е зошто Владата предлага различни правила за гласање за граѓаните кои живеат во земјата и за оние што живеат или престојуваат во странство.
„Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето кои што живеат во дијаспора, од луѓето кои што тука живеат? Зошто ние гласачите тука да оставаме фингерпринт и така натаму, а некој да гласа електронски или да гласа со писма? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и за тие што не се во земјата? Ние за тоа се бориме“, рече Филипче.
Тој оцени дека предложените решенија неоправдано ги изложуваат граѓаните од дијаспората на ризик утре да бидат обвинувани дека биле дел од изборни нерегуларности.
„Зошто премиерот Мицкоски им става таков товар на нашите граѓани кои што живеат во дијаспора? Некој утре да им каже дека биле дел од изборна измама. Зошто ги изложуваат на таков ризик тие луѓе? Нека гласаат тука еднакво како што сите ние гласаме. Тоа е во делот на гласањето на дијаспората“, нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека аргументите на партијата не се насочени кон блокирање на изборното законодавство по секоја цена, туку кон заштита на кредибилитетот на изборниот процес.
„И сметам дека имаме рационални аргументи. Аргументите не се само нешто што ние сакаме да кажеме колку да помине или не помине законот. Сметам дека се издржани“, истакна Филипче.
Тој оцени дека со предлогот се отвора простор за сомнежи и можни манипулации во изборниот процес.
„Зошто дозволува да се отвори врата за манипулација со изборниот процес? Ставаат товар на луѓето во дијаспората, дека утре тие можат да бидат обвинети дека учествувале во изборен грабеж. Зошто да им ставаме таков товар на тие луѓе? Нека дојдат, нека гласаат тука со фингерпринт и сè, како што ние гласаме сите“, порача Филипче.
Тој повтори дека СДСМ ќе биде конструктивен во процесот на носење изборни закони, но нема да поддржи решенија што, според партијата, го загрозуваат интегритетот на изборите.
„Ете, тоа е нашиот став. Секогаш ќе бидеме конструктивни што се однесува на тие закони, но не по цена да отвориме врата за изборен грабеж“, заклучи Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија, вчера повторно СДСМ го стави во ист кош со Левица, за кои оцени дека се борат против Изборниот законик и против тоа дијаспората да гласа, затоа што, како што рече, знаат дека ќе загубат на изборите. Да напоменеме дека дијапосрата и сега има можност да гласа на избори, но битката е околу тоа дали да гласа електронски или не.
„Суштината е да обезбедиме поголема излезност на дијаспората, поголема комуникација меѓу татковината и дијаспората, затоа што целта ни е да ги вратиме тие луѓе, ова ќе им биде еден мост, едно чувство дека тие учествуваат во политиките во сопствената држава, во татковината од која поради икс причини заминале. Сега некој се одлучи да прави филибастеринг и да не го дозволи правото на дијаспората да се чувствува како да е дома. Не слушнав ниту еден аргумент како ќе се направи тој изборен грабеж“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека СДСМ, според него, однапред признава дека во 2029 година ќе биде опозиција.
„Тие однапред признаваат од денешна оптика дека тогаш ќе бидат опозиција. Тој губитнички менталитет не го разбирам, но тие го имаат тој губитнички менталитет“, рече Мицкоски.
Премиерот тврдеше дека локалните избори во 2025 година биле спроведени мирно и со мал број приговори, оценувајќи ги како „скандинавски локални избори“. Според него, поголемата излезност на дијаспората има национален, политички и економски аргумент.
„Суштината е дека со поголема излезност на дијаспората ние имаме национално чувство поголемо кај нив, второ политички аргумент и економски“, рече Мицкоски.
Тој рече дека власта е подготвена повторно да разговара со опозицијата за модалитетите со кои би се зголемила излезноста на дијаспората.
„Еве јас кажувам јавно, дајте да најдеме начин како да го зголемиме гласањето на дијаспората. Не е важно дали тоа ќе биде електронско или со писма, дајте да најдеме начин, да најдеме пракса во светот, како им успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин“, рече Мицкоски.
Како пример го посочи австралискиот континент, од каде, според него, дел од македонските државјани треба да патуваат и по 10 часа за да гласаат.
„За да ја зголемиме излезноста кај дијаспората ние сме подготвени повторно да седнеме и да преговараме“, рече премиерот.
Според Мицкоски, важно е земјата да добие Изборен законик што ќе ги вклучи препораките на ОБСЕ/ОДИХР и ќе обезбеди поголема излезност од претседателските избори во 2029 година натаму.
Предлог-измените на Изборниот законик, кои се поднесени во Собранието по скратена постапка, предвидуваат воведување електронско гласање за државјаните кои се на привремена работа или престој во странство и кои претходно ќе се пријават за таков начин на гласање. Во предлогот стои дека гласањето би се спроведувало преку безбеден електронски систем на Државната изборна комисија.
Со предложените измени, гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва би се заменило со електронско гласање од странство. Според преодните одредби, овие решенија би се примениле од првите наредни редовни претседателски избори по влегувањето во сила на законот, односно од претседателските избори во 2029 година.
Предлогот предвидува ДИК да воспостави, управува, одржува и надгледува систем за електронско гласање од странство. Во него треба да се обезбедат електронска идентификација на избирачот, тајност на гласањето, интегритет на гласот, проверливост на постапката, заштита на личните податоци и спречување повеќекратно гласање.
Предвидено е и избирачите што ќе се пријават за електронско гласање од странство да бидат запишани во посебен електронски извод од Избирачкиот список и да не бидат запишани во изводите за гласање во земјата. Идентитетот на избирачот, според предлогот, би се утврдувал преку најмалку два независни механизми за автентикација, меѓу кои податоци од важечка лична исправа и електронска потврда преку лична електронска пошта и мобилен телефонски број, а доколку има услови и преку квалификуван електронски потпис или друг признат електронски идентитет.
Дополнително, се предвидува системот пред користење да помине независна техничка и безбедносна проверка, како и можност за јавна проба, симулација и тестирање со учество на претставници на подносителите на листи и набљудувачи. Во случај на технички или безбедносен инцидент што може да влијае врз достапноста, тајноста или интегритетот на гласањето, ДИК би можела привремено да го прекине и одложи електронското гласање, најмногу до 72 часа.
Токму овие одредби се во центарот на спорот меѓу власта и опозицијата. Власта тврди дека со нив се намалуваат трошоците, се олеснува гласањето за дијаспората и се зголемува нејзиното учество во политичкиот живот на земјата. СДСМ, пак, тврди дека електронското гласање не смее да се воведе без целосно дефинирани и докажано сигурни механизми за контрола, особено кога гласачите во земјата гласаат со физичко присуство и биометриска идентификација.
Во изминатите денови, Изборниот законик стана една од главните теми на политичка пресметка. Претходно беше објавено дека измените предвидуваат и забрана за функционерите за време на изборната кампања да ги користат институционалните и службените профили на социјалните мрежи за поддршка, промоција или дискредитација на учесници во изборите.
Предлогот содржи и нови правила за користење државни ресурси во изборен период, забрани за одредени јавни настани поврзани со инфраструктурни проекти, ограничувања за субвенции, еднократни исплати и вработувања, како и нови правила за платено политичко рекламирање.
Меѓу предложените измени е и нов праг за независните листи. За листа на кандидати за пратеници поднесена од група избирачи, како и за независни кандидатури за советници и градоначалници, би биле потребни најмалку 0,8 проценти потписи од запишаните избирачи во изборната единица, односно во општината.
Во делот на финансирањето, предлог-законот предвидува средствата за платено политичко рекламирање од Буџетот да не ја надминат сумата од две евра во денарска противвредност по запишан избирач, без ДДВ, а за локални избори дополнително по едно евро за втор круг. Предвидени се и лимити за донации во изборната кампања — најмногу 6.000 евра од физичко лице и најмногу 50.000 евра од правно лице.
Иако Владата тврди дека измените треба да ги вградат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да ја унапредат изборната регулатива, опозицијата не се откажува од блокадата доколку спорните решенија за гласањето на дијаспората останат дел од законот. Со тоа, реформата на изборното законодавство повторно се претвора во политички судир околу довербата во институциите, безбедноста на изборниот процес и правото на дијаспората да гласа на поедноставен начин.







