Двајца браќа на возраст од 43 и 44 години се под истрага на Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи се осомничени дека со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, а притоа го довеле во опасност и животот на двајца други оштетени.
Настанот се случил на 6 јуни, во близина на авто плац во селото Шишево, а повод за тоа било претходен сообраќаен инцидент во кој братот на оштетениот и првоосомничениот со нивните возила, на разминување, се допреле со ретровизорите и започнале вербална расправија.
„Осомничениот го фатил за врат и му се заканил, но двајца сведоци на настанот успеале да ја смират ситуацијата. Нападнатиот ја зел сопругата од работа и го повикал брат му за да провери дали по истиот пат можат безбедно да се вратат назад. Во близина на местото на првиот инцидент, во една од грмушките, двајцата осомничени браќа со пиштоли ги очекувале да поминат. Првоосомничениот испукал два куршуми, при што го погодил братот на првично нападнатиот во главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда, а ги загрозил и другите две лица“, информираат од Обвинителството.
Од таму посочуваат дека во случакот постојат околности што укажуваат дека за осомничените има опасност од бегство, дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе се обидат да го довршат кривичното дело, заради што јавниот обвинител побара притвор за двајцата соизвршители.







