Европската Унија постигна договор за 18-тиот пакет санкции против Русија поради војната во Украина, кој содржи низа мерки насочени кон дополнително ослабување на руската нафтена и енергетска индустрија, јавува Ројтерс.

Според дипломати на ЕУ, најновиот пакет санкции предвидува намалување на горната цена за сурова нафта определена од групата седум најразвиени земји во светот, Г7, на 47,6 американски долари по барел.

„ЕУ штотуку го одобри еден од најсилните пакети санкции против Русија досега“, објави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на платформата Икс (поранешен Твитер). „Ќе продолжиме да ги зголемуваме трошоците, сè додека запирањето на агресијата не стане единствениот изводлив пат за Москва“, додаде таа.

Пакетот санкции вклучува и забрана за трансакции поврзани со руските гасоводи „Северен тек“, како и санкции врз рускиот финансиски сектор.

„Ја поздравувам согласноста за нашиот 18-ти пакет санкции против Русија. Удираме во срцето на руската воена машинерија таргетирајќи го банкарскиот, енергетскиот и воено-индустрискиот сектор, и воведуваме нов динамичен механизам за ограничување на цената на нафтата“, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Икс.