Македонија, преку Македонското еколошко друштво, ќе биде дел од прекуграничен проект за зачувување на кафеавата мечка што ќе се спроведува во девет земји на Балканот. Со околу 4000 единки, тука се наоѓа најголемата популација на мечки во Европа, поради што нејзиното зачувување е истовремено и голем предизвик и голема неопходност.

Динаро-пиндската популација на кафеавата мечка се протега низ територијата на девет земји учеснички на новиот европски проект LIFE DinPin Bear којшто до 2031 година ќе се спроведува и во Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија.

„Преку научен пристап и методологија, за првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка
во Македонија, што ќе придонесе кон зачувување на нејзината екологија. Овој проект ќе ни
овозможи да добиеме одговори на повеќе прашања за нејзините живеалишта, популација и
улога во екосистемот, вклучително и на прашањето колку мечки воопшто живеат во
македонските шуми“, вели Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.
Посочува дека кафеавите мечки отсекогаш биле прогонувани, иако ги избегнуваат луѓето. Како најголеми сештојади на континентот, тие имаат клучна улога во нивниот екосистем, ги регулираат биодиверзитетот, структурата на живеалиштата и циклусите на хранливите материи.

Хрватска, Словенија и Грција досега имаат спроведено успешни практики за зачувување и закрепнување на популацијата на мечката, но нејзината долгогодишна одржливост е доведена во прашање поради конфликтите меѓу човекот и мечката и загрозените живеалишта.
Оттука, проектот, кој е кофинансиран од програмата LIFE на Европската Унија, ќе се фокусира на
креирање на неопходните правни, управувачки и социо-економски услови за да се осигура
зачувувањето на популацијата на кафеавата мечка долж Динаро-Пиндскиот планински масив.
Ќе се пополнат празнините во управувањето со мечката во земјите кои не се дел од ЕУ и ќе се обезбеди координирано прекугранично управување на популациско ниво. Токму затоа, проектот е замислен како мултидисциплинарно партнерство меѓу универзитети и истражувачки институции, национални и локални власти и невладини организации од областа на екологијата и животната средина, а секоја земја ќе учествува со претставници од една владина институција и една невладина организација.