Во полициска акција во тетовското село Голема Речица, приведени се две лица осомничени дека администрирале нелегален онлајн пазар, при што се запленети комјутери и телефони, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Акцијата ја спровел Секторот за компјутерски криминал, по претходни сознанија добиени од ФБИ, во рамки на координирана меѓународна истрага.
Како што соопштија од МВР, станува збор за онлајн платформа позната како „OLVX“, која била активна од јули 2023 година и функционирала преку повеќе интернет домени. Според истрагата, платформата содржела база на компромитирани лични податоци, а преку неа биле регистрирани над 2.600 кориснички и повеќе од 1.500 продавачки сметки. Вкупната вредност на трансакциите надминувала 500.000 американски долари.
По наредба на Основниот суд во Тетово, извршен е претрес кај осомничените А.Е. (20) и А.И. (23), кои биле затекнати на лице место и лишени од слобода. При претресот, полицијата одзела компјутери и мобилни телефони, кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа.
„За време на извршување на претресот тие се затекнати на лице место во вршење на кривично дело за кое се сомничат и при тоа се одземени десктоп компјутери, лаптоп компјутери и телефони кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и ќе послужат како доказ во кривичната постапка, а лицата се лишени од слобода“, информираат од МВР.
Од МВР најавуваат дека истрагата продолжува, со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на сите инволвирани лица.






