Меморандумот за разбирање (MOU) предвидува дека Иран, во најмала рака, прифатил неговите залихи на збогатен ураниум да бидат „уништени“ преку процес на разредување на ураниумот на иранска територија, под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), пренесува Гардијан.

„Двете страни исто така се согласија да разговараат за прашањето на збогатувањето и за други прашања поврзани со нуклеарните потреби на Исламската Република Иран, врз основа на задоволителна рамка што ќе биде договорена во конечниот договор“, се наведува во документот.

Претставниците нагласиле дека разредувањето на ураниумот е само почетна точка, а не конечна цел.

Во меѓувреме, високи претставници изјавиле дека за првпат во текот на стоте дена од конфликтот, Иран вчера не отворил оган врз ниту еден брод во Ормутскиот теснец.

„Вчера, за првпат во овие 100 дена од конфликтот, Иран не пукаше кон ниту еден брод во Ормутскиот теснец“, рекле тие.

Според меморандумот, Иран е должен да обезбеди слободен и бесплатен премин на комерцијалните бродови за најмалку 60 дена, а целосното нормализирање на поморскиот сообраќај треба да се случи во рок од 30 дена.

Иако меморандумот е структуриран така што Иран добива многу малку отстапки однапред, постои еден важен исклучок. Американското Министерство за финансии веднаш по потпишувањето ќе издаде дозволи за извоз на иранска сурова нафта, нафтени деривати и поврзани банкарски услуги.

Формалната церемонија на потпишување е закажана за петок.

Американските претставници ја бранеа оваа одлука со аргумент дека иранската нафта и онака продолжувала да стигнува до Кина и покрај санкциите, а постојниот режим на санкции фактички ѝ овозможувал на Кина да ја купува по значително пониски цени.

Според нив, олеснувањето на санкциите ќе ја укине таа предност и ќе им овозможи на САД подобар увид во тоа каде завршува иранската нафта.

Исто така, Меморандумот за разбирање им дава на двете страни рок од 60 дена да преговараат и да постигнат сеопфатен конечен договор, со можност рокот да биде продолжен со заемна согласност.

„Соединетите Американски Држави и Исламската Република Иран се обврзуваат да преговараат и да постигнат конечен договор во рок од најмногу 60 дена, кој може да биде продолжен со взаемна согласност“, се наведува во документот.

За секој конечен договор ќе биде потребна и обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации, која ќе го потврди неговото спроведување.

Сепак, американските претставници предупредуваат дека договорот е сè уште многу чувствителен и неизвесен. Еден висок американски функционер изјавил дека „секоја од страните може да се повлече во кој било момент“.

Доколку разговорите пропаднат, официјалните лица посочиле дека САД се подготвени значително да го засилат економскиот притисок врз Иран.