Во светот постојат околу 2,4 милијарди деца на возраст под 18 години. Но, речиси речиси 138 милиони од овие деца, околу едно од 17, се вклучени во детски труд, вклучувајќи 54 милиони кои работат во опасни услови што го загрозуваат нивното здравје и безбедност, според проценките на Меѓународната организација на трудот (ILO) и УНИЦЕФ, пренесува Ал Џезира.
По повод Светскиот ден против детскиот труд, Ал Џезира ги анализира најновите податоци за детскиот труд, индустриите каде што е најзастапен, како и земјите и регионите кои се најтешко погодени.
Во 2015 година, Обединетите нации поставија цел да се стави крај на детскиот труд во светот до 2025 година. Сепак, иако вкупниот број деца во детски труд е намален, од секои пет деца кои работат, најмалку две работат во опасни услови кои вклучуваат тешка физичка работа, изложеност на токсични хемикалии, опасни машини, или долги работни часови.
Од 54-те милиони деца во опасен труд: 10,3 милиони (околу 1 од 5) се на возраст од 5–11 години, 12,8 милиони (околу 1 од 4) се на возраст од 12–14 години, и 30,8 милиони (околу 4 од 7) се на возраст од 15–17 години.
УНИЦЕФ и ILO предупредуваат дека ваквата работа може да предизвика повреди, болести и трајни последици врз физичкиот и менталниот развој на децата. Многу од децата кои работат истовремено не одат на училиште, со што семејствата се заглавуваат во круг на сиромаштија што може да трае генерации.
Земјоделството останува најголем работодавач на деца во светот, со 61 отсто од сите случаи на детски труд. Тоа значи дека околу 84 милиони деца работат на фарми, во риболов, шумарство и сточарство.
Децата носат тешки товари низ полиња, прскаат култури со пестициди, се спуштаат во рудници, работат со остри алати и машини и поминуваат долги часови во екстремна топлина. Голем дел од опасниот детски труд е концентриран токму во овој сектор. Во многу рурални заедници, работниот ден почнува пред изгрејсонце и директно се судира со образованието.
Луција Солети, в.д. заменик-претставник на УНИЦЕФ за програми во Гана, изјави за Ал Џезира дека детскиот труд останува широко распространет во Западна Африка, поттикнат од сиромаштија, ограничен пристап до социјални услуги и климатски и економски шокови.
Таа објасни дека во Гана повеќе од 1,1 милион деца на возраст од 5 до 17 години се погодени, најчесто во земјоделство, но и во рударство, риболов и домашна работа.
„Тоа ги лишува децата од образование, ги изложува на опасни услови и ја одржува меѓугенерациската сиромаштија“, рече Солети.
Во услужниот сектор, пак, кој вклучува домашна работа, трговија и угостителство, децата сочинуваат 27 отсто од случаите, додека 13 отсто работат во индустријата, вклучувајќи рударство, производство и градежништво.
Субсахарска Африка останува епицентар на кризата, со 87 милиони деца вклучени во детски труд, повеќе од остатокот на светот заедно. Растот на населението, конфликтите и економската нестабилност ги неутрализирале многу од постигнатите подобрувања во последните години.
Иако Азија и Пацификот забележале најголемо намалување, детскиот труд останува вграден во глобалните синџири на снабдување кои произведуваат храна, облека, минерали и потрошувачки стоки за целиот свет.
Мона Аика, в.д. шеф на одделот за заштита на деца во УНИЦЕФ во Нигерија, изјави дека детскиот труд во земјата не може да се реши само преку обуки или спроведување на закони.
„Потребни се посилни системи за заштита на децата, социјална заштита, пристап до образование, поддршка за егзистенција на семејствата, превенција во заедниците, јасни механизми за упатување и континуирана државно водена акција“, изјави Аика.







