Ураганот Мелиса продолжи да се движи кон Куба со сила на моќна бура од категорија 4, неколку часа откако стигна до копното во соседната Јамајка како најсилниот циклон досега што ја погодил таа карипска островска нација.
Мелиса се упати кон брегот во близина на југозападниот град Њу Хоуп на Јамајка, со постојани ветрови до 295 километри на час, според Националниот центар за урагани на САД, што е далеку над минималната брзина на ветерот од 252 километри на час за бура од категорија 5, највисокото ниво на скалата на ветрови Сафир-Симпсон.
Во југозападна Јамајка, парохијата Света Елизабета остана под вода, изјави официјален претставник, со повеќе од 500.000 жители без електрична енергија.
„Извештаите што ги имавме досега вклучуваат штети на болници, значителна штета на станбени објекти, станбени и комерцијални објекти, како и штети на нашата патна инфраструктура“, изјави премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, за Си-Ен-Ен откако помина бурата.
Холнес рече дека владата не добила потврдени смртни случаи поврзани со бурата, но со оглед на силата на ураганот и обемот на штетата, очекува дека ќе има некои загуби. Ветровите во Мелиса се намалија на 233 км/ч, соопшти NHC, додека бурата се движеше покрај планинскиот остров, погодувајќи ги планинските заедници ранливи на лизгање на земјиштето и поплави.
Се предвидуваше дека ураганот ќе се сврти кон североисток по траекторија кон Сантијаго де Куба, вториот најнаселен град во Куба.
„Веќе треба да го чувствуваме неговото главно влијание ова попладне и вечер“, рече кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во порака објавена во државниот весник Гранма, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат наредбите за евакуација.
„Ќе има многу работа што треба да се направи. Знаеме дека овој циклон ќе предизвика значителна штета.“
Кубанските власти соопштија дека на околу 500.000 луѓе им е наредено да се преселат на повисоки места. На Бахамите, следни на патот на Мелиса на североисток, владата нареди евакуација на жителите во јужните делови од тој архипелаг.
Подалеку на исток, островот што го делат Хаити и Доминиканската Република се соочи со денови поројни дождови што доведоа до најмалку четири смртни случаи, соопштија тамошните власти.

Метеоролозите во AccuWeather рекоа дека Мелиса е рангирана како трет најинтензивен ураган забележан во Карибите по Вилма во 2005 година и Гилберт во 1988 година – последната силна бура што ја погодла Јамајка.