Македонското џиу-џицу доби историски успех откако натпреварувачката Кетрин од денес официјално се наоѓа на првото место на светската ранг-листа во својата категорија.

До врвот на светот таа стигна по години напорна работа, тренинзи и натпревари на највисоко ниво, оставајќи зад себе повеќе од 70 натпреварувачи од 30 различни држави.

Успехот добива уште поголема тежина ако се знае дека е постигнат без финансиска поддршка од спонзори. Нејзиниот тренер Александар Ацевски открива дека целиот пат до светскиот врв бил исполнет со бројни предизвици, откажувања и жртви, но и со непоколеблива верба во целта.

„Дванаесет години работиме заедно, шест дена во неделата. Поминавме низ повреди, неправди, разочарувања и тешки моменти. Гледав како расте како спортист и како личност. Денес сонот стана реалност – Македонија има број еден во светот“, вели тој.

Зад овој резултат стојат илјадници часови поминати во сала, бројни домашни и меѓународни натпревари и огромна посветеност кон спортот. Кетрин успеа да се наметне како една од најдобрите светски натпреварувачки во дисциплината, носејќи ја Македонија на самиот врв на светското џиу-џицу.

Од тимот велат дека ова признание е само потврда за долгогодишната работа и мотив повеќе за нови предизвици во иднина. Следната голема цел се Светските игри во 2029 година, каде што се надеваат дека ќе ја продолжат успешната приказна.

Овој успех претставува еден од најголемите резултати на македонското џиу-џицу во последните години и уште една потврда дека со посветеност, дисциплина и истрајност може да се стигне до самиот светски врв.

The post Македонско чудо во џиу-џицу: Кетрин се искачи на првото место на светската ранг-листа appeared first on ekran.mk.