Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче денеска повторно разменија спротивставени ставови во врска со Изборниот законик. Филипче уште еднаш го проблематизираше начинот на кој ќе треба да гласа дијаспората, и нагласи дека СДСМ ја поддржува европската агенда, но не и можноста за изборна злоупотреба. Тој побара да се повлече спорниот член за начинот на гласање на дијаспората и да се формира работна група, во која ќе се разговара за соодветен начин како би гласала дијаспората

„Се согласуваме дека треба да им се олесни гласањето, но не со примери какви што во Европа до сега не функционирале и ниту една европска земја тоа не го направила, иако имаат многу поголема контрола на системот од нас. Да дебатираме па во следниот период нека заклучи експертска работна група преку  анализирање примери од други земји, дали е потребно и на кој начин треба да се смени гласењето на диаспората кај нас“, рече Филипче.

Мицкоски, пак ги повика опозициските партии да состават текст со предлози за Изборниот законик за кои рече дека бланко ќе ги прифатат.

„Ако сакате некоја работа да не се заврши тогаш формирајте група или комисија. Побаравме од опозицијата да собере експерти и да предложи текст во којшто ќе биде вклучена и методологија како дијаспората поинтензивно да гласа, а ние веднаш ќе го поддржиме тој предлог, но тоа не се случи. СДСМ четири месеци работеа во Парламентот, но потоа со Левица одлучија да го блокираат процесот под изговор дека со гласањето на дијаспората ќе се украдат изборите. Тие се свесни дека на следните парламентарни избори ќе доживеат изборен дебакл, а Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подготвува претседателските избори во 2029 година и се исплашени дека тие претседателски избори ќе бидат украдени. Тоа значи дека мислат дека ние правиме исто како што правеле и тие“, рече Мицкоски.