Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност а Владата доби рок од 5 години за спроведување на забелешките на УНЕСКО за заштита.

Одлуката беше донесена од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 48. сесија која се одржува во Бусан, Република Кореја.

Македонската делегација во Бусан ја води амбасадорот во Париз Игор Николов со неколку државни службеници.

Според македонската делегација одлуката е израз на доверба во преземените активности.

„Во наредниот период ќе продолжи спроведувањето на конкретни мерки за заштита, вклучително и подготовката на прекуграничната Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина, зајакнувањето на инспекцискиот надзор и справувањето со бесправните градби, како и активностите за заштита и обновување на Студенчишкото Блато,“ изјави амбасадорот Николов во своето обраќање.