Руската армија извршила координиран напад со оружје врз објекти на украинскиот воено-индустриски комплекс во Киев, соопшти утринава руското Министерство за одбрана.

Во исто време, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, преку социјалните мрежи информираше дека неколку лица се повредени во руските воздушни напади врз украинската престолнина.

Според руското Министерство за одбрана, цел на нападот била фабрика на компанијата „Самсунг Украина“, за која Москва тврди дека била користена за производство и складирање компоненти за ракетите „Фламинго“.

Украинските власти засега не ги потврдија овие тврдења, ниту, пак, објавија информации за евентуална штета на наведените објекти.

Нападите врз Киев доаѓаат во услови на продолжени интензивни борби и меѓусебни воздушни напади меѓу Русија и Украина, додека информациите од двете страни најчесто не можат веднаш независно да бидат потврдени.