„Реконструкцијата на Владата е почеток на нова фаза по изминати две години од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период, во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните, рече премиерот Христијан Мицкоски по седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, каде се утврдија новите кадровски решенија за Владата и за партијата.
Со реконструкцијата Мицкоски очекува секој функционер во неговата Влада да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата, бидејќи, како што рече граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го раководи ресорот Министерство за социјална политика, демографија и млади, а нов министер ќе биде досегашниот заменик министер, Ѓоко Велковски. Нов министер за задравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место во Фондот доаѓа досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински. Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоилковиќ, а министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, досегашен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во општина Шуто Оризари.
Од политичката партија ВРЕДИ, нови министри ќе бидат номинирани во Министерството за правда, култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците, додека пак, политичката партија ЗНАМ, ќе реководи со Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, каде ќе биде номиниран досегашниот државен секретар, Борче Серафимовски. Азир Алиу, кој до сега беше министер за здравство се очекува да дојде на местото на Иван Стоиљковиќ и да биде новиот министер за односи меѓу заедниците и вицепремиер.
Досегашниот потпретседател во Владата за добро владеење се укинува и тој ресор ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот, а Демократска партија на Турцитеќе предложи еден претставник, министер без портфолио.
Мицкоски, паралелно со владините, соопшти и партиски кадровски промени. Три општински комитети добиваат нови претседатели, во ОК Кичево тоа е Дејан Пандилевски, во ОК Битола Горан Исков и во ОК Прилеп Христијан Тунески. Нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, досегашен портпарол на Владата.
„Сите овие смени и во рамките на партијата и во рамките на Владата, имаат за цел да внесат нова енергија, да додадат вредност во квалитетот на работење и на Владата и на партијата. Новата енергија е нов импулс за уште повеќе работа, новата енергија е ново забрзување, забрзување на реформите, забрзување на економијата, забрзување на капиталните инвестиции и забрзување на промените што граѓаните ги очекуваат и заслужуваат“, рече Мицкоски.







