Управата за финансиска полиција поднела кривични пријави против пет физички лица и две правни лица поради сомнежи за злоупотреби поврзани со користење средства од европската ИПАРД програма, соопшти институцијата.
Кривичните пријави се доставени до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство Скопје. Кривични пријави се поднесени против Б.Г. и Г.Ф. во својство на надзорни инженери, како и против Е.Н., М.Г. и Н.М., сопственици и управители на две компании, при што пријавата ги опфаќа и самите правни лица поради сомнежи за злоупотреби поврзани со користење средства од ИПАРД програмата.
Според Финансиската полиција, надзорните инженери извршиле технички прегледи на објекти и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина, иако објектите не биле целосно завршени. На тој начин, како што се наведува, им овозможиле на компаниите да ги впишат објектите во Агенцијата за катастар на недвижности и да создадат услови за стекнување противправна имотна корист.
Сопствениците и управителите на компаниите, иако биле свесни дека објектите не ги исполнуваат законските услови за употреба, ги искористиле спорните извештаи како основ за нивен упис во јавните книги. Според сомнежите, целта била да се создаде привид дека се исполнети условите за исплата на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој во рамки на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА 3 – ИПАРД 2021–2027).
Од Управата за финансиска полиција велат дека со ваквите дејствија пријавените се обиделе да стекнат противправна имотна корист во вкупен износ од 50,1 милион денари.
Пријавите се поднесени за кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „фалсификување или уништување на деловни книги“, „измама на штета на средствата на Европската Унија во обид“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.






