Новата А-интегрирана дозвола за Цементарницата Усје ќе биде по старите правила, а не според новиот закон, бидејќи во барањето на компанијата се наведени гранични вредности за само три загадувачи и тие се идентични како и во старата дозвола и воедно и до осум пати повисоки од постоечките стандарди во ЕУ, посочуваат од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“. Тие вчера во Скопје организираа протестен марш од Собранието до Министерството за животна средина, за да го насочат вниманието кон постапката за обнова на дозвволата за работа на цементарницата.

Од „Стоп за Усје“ велат дека не се убедени во тврдењата дека новата дозвола за „Усје“ ќе биде усогласена со законот што треба да стапи на сила во 2027 година, бидејќи велат дека верзијата на барањето што Министерството ја објави не е подготвена според новите законски стандарди, туку дека содржи помалку обврски од постојната дозвола.

Фото: Стоп за Усје

„Целосно недостасуваат гранични вредности и обврски за мониторинг за едни од најопасните загадувачи –
тешки метали, диоксини и фурани, кои се сериозни канцерогени супстанции. Истовремено, „Усје“ бара зголемување на употребата на алтернативни горива- отпад, кои ги испуштаат токму овие материи. Не
спомнуваат ниту употреба на гас, наместо отровните петрол кокс и лигнит. Затоа јавно прашуваме: каде во финалното барање, моментално достапно за јавноста, се вметнати правилата што Министерството тврди дека ќе важат од 2027 година? Ако не се вметнати, кога ќе бидат? И зошто тоа не е направено уште сега? И покрај над 700 страници поднесена документација, нема конкретни лимити за овие загадувачи, нема обврска за потранспарентно мерење и известување за јавноста, ниту нови механизми за заштита на здравјето“, нагласуваат од „Стоп за Усје“.

Посочуваат дека не е поставена ниту една конкретна цел, нема рокови до кога треба да се реализираат мерките, ниту е наведено какво подобрување треба да се постигне. Програмата е нејасна, недефинирана и повторно без конкретни обврски и одговорност.

Екологистите на протестот испорачаа и конкретни барања, дозволата да содржи конкретни и обврзувачки граници и рокови кои се во согласност со актуелнтите европски најдобри достапни техники, сите мерња и емисии јавно и редовно да се објавуваат, а мерките за заштита на здравјето и животната средина да се конкретизираат.
„Јасно е дека кога нема лимити, нема обврска. А кога нема обврска – загадувањето продолжува. Дополнително, постапката за обнова на дозволата на Усје, Министерството ја води без вистинска јавна транспарентност. На веб-страницата на Министерството нема јасно соопштение дека процесот е во тек, ниту видливо објаснување каде може да се најдат документите, ниту пак јасни информации за роковите во кои граѓаните можат да достават забелешки“, велат активистите.
Посочуваат дека не добиле ниту термин за средба со Министерството за кое велат дека е недостапно за граѓаните.

Министерот за животна средина Муамет Хоџа, пак, тврди дека цементарницата нема да добие дозвола по старите стандарди.

,,По барање на МЖСПП, Усје уште сега ќе ги имплементира најновите и построги еколошки стандарди, иако новиот закон за индустриски емисии стапува на сила дури во септември 2027 година. Истото ќе важи за сите оператори кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола. Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и околината,“ вели Хоџа.

Тој информира дека институционалниот рок за увид во барањето за дозвола за УСЈЕ сè уште тече, барањето за дозвола е објавено на 22 мај на веб-страницата на Министерството и доставено до Општина Кисела Вода и Град Скопје, а во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана фабриката.