Премиерот Христијан Мицкоски на Бизнис-форумот Македонија – Турција во Истанбул денес, упати повик до турските компании да инвестираат во земјава и да станат дел од, како што рече, „развојната приказна на Македонија“.
„Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она коешто ние ќе го правиме овие два дена овде во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување на странски директни инвестиции“, изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека целта е македонската економија и бизниси да се поврзат со биснисите во Турција.
„Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B настани и B2B средби, односно тоа што го отпочнавме во Унгарија и тоа што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул“, рече премиерот.
Според Мицкоски, турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари.








