Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против шест лица од Скопје, Куманово и Тетово поради сомнение дека организирале и реализирале незаконско посвојување на новородено дете.
Како што информираат од МВР, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе поднела кривична пријава против Ф.А. (63), Ѓ.К. (57), И.Ш. (35), Џ.Ш. (35), С.Ј. (35) и И.А. (38) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“.
Според истрагата, во текот на 2024 и 2025 година, првопријавените Ф.А. и Ѓ.К. воспоставувале контакти меѓу заинтересирани брачни парови и родители кои поради тешка материјална и социјална состојба не биле во можност да се грижат за своите новородени деца. Притоа, тие ги убедувале родителите да прифатат незаконско посвојување во замена за паричен надомест и други бенефиции.
МВР наведува дека С.Ј. и нејзиниот невенчан сопруг И.А. биле убедени да го предадат своето новородено бебе во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи.
По отпуштањето од болница, мајката и бебето биле преземени од Ф.А. и однесени во нејзиниот дом, каде што пристигнале И.Ш. и Џ.Ш., кои, според полицијата, во својство на „посвоители“ го презеле новороденчето и го однеле во својот дом.
Во рамки на случајот, на 17 октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу Џ.Ш. како заемодавач и И.А. како заемопримач. Средствата истиот ден му биле исплатени на И.А., а според истрагата претставувале надомест за незаконското посвојување на бебето.
Од судија на претходна постапка на сите осомничени им е определена мерка домашен притвор.






