Свети Лонгин бил римски сотник (капетан) кој служел во војската што го распнала Господ Исус Христос. Тој стоел под Крстот на Голгота и бил сведок на сите страшни настани – затемнувањето на сонцето, земјотресот, пукањето на камењата и отворањето на гробовите. Гледајќи го тоа и слушајќи како Христос со мир и достоинство ја предал душата, Лонгин со вера извикал:
„Навистина, овој човек беше Син Божји!“ (Матеј 27:54).

Оттогаш неговиот живот се променил. Лонгин поверувал во Христа, се откажал од војничката служба, се крстил заедно со двајца свои војници и отворено го проповедал Воскресението. Кога веста за ова стигнала до еврејските првенци, тие го обвиниле пред Пилат и барале да биде убиен. Пилат пратил војници да го најдат и да му ја донесат главата.

Лонгин во тоа време живеел во Кападокија, каде мирно го ширел Евангелието. Кога дознал дека војниците доаѓаат по него, сам им излегол во пресрет, ги поканил во својот дом, им приготвил трпеза и во текот на ноќта се молел. Утредента им рекол кој е тој – дека токму него го бараат. Со радост и мир ја примил маченичката смрт, благодарејќи Му на Бога што се удостоил да пострада за Христа.

Главата на светиот Лонгин била донесена во Ерусалим и фрлена надвор од градот, но подоцна, по Божја промисла, била најдена и чесно погребана од една побожна вдовица, на која ѝ се јавил самиот светец во сон.