Во морето од нови рецепти и трендови што секојдневно се менуваат на социјалните мрежи, некои деликатеси како тивко да исчезнаа од нашето секојдневие. Шненоклите се токму еден од нив, десерт направен од нашите баби, лесен, воздушест и нежен, исто како најубавите спомени од детството.
Некогаш неодминлив на семејните собири и прослави, денес ретко се гледа на трпезата, иако дефинитивно заслужува да му се даде нова шанса. Бидејќи има нешто длабоко смирувачко во едноставноста на шненоклите: млеко, јајца, малку шеќер и внимателно трпение додека снежните облаци од белки се претвораат во мека магија. Во време кога сè мора да биде брзо и моментално, шненоклите нè потсетуваат дека најубавите работи често се најтивки, не се наметнуваат, не бараат внимание, но остануваат врежани во сеќавањето. Време е да ги вратиме на местото што го заслужуваат, бидејќи покрај тоа што го освојуваат вкусот, шненоклите носат и топлина што доаѓа само со рецепти со душа.
Рецепт за шненокли
Состојки:
5 јајца
1 литар млеко
10 лажици шеќер
1 ванилин шеќери
2 лажици нишесте
какао за наросување
Подготовка:
Одделете ги белките од жолчките. Додадете шеќер и ванилиниот шеќер во 900 мл млеко. Додека млекото се загрева на шпоретот, матете ги белките со миксер додека не се формираат цврсти врвови. Кога млекото ќе зоврие, извадете ги белките со лажица (или лажица за сладолед) и варете ги во млекото по две минути од секоја страна. Извадете ги со решеткаста лажица и оставете ги да се изладат. Тргнете го млекото од оган. Изматете ги жолчките и нишестето и додајте во преостанатите 100 мл млеко, потоа додадете ги во зовриеното млеко и вратете ги на оган. Варете неколку минути додека не добиете крем со средна густина. Прелијте го жолтиот крем врз изладените облаци од белки и наросете со какао. По желба, можете да додадете и цимет или чоколадни трошки. Пријатно!
View this post on Instagram
Фото: Принтскрин/Instagram








