Со 9 гласа „за“ и 1 „воздржан“, Советот на Општина Кочани попладнево го избра независниот советник Венко Крстевски за в.д. градоначалник на општината, по оставката досегашниот градоначалник Љупчо Папазов кој е еден од осомничените за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во која животот го загубија 61 лице, а околу 200 се повредени.

Во трка за в.д. градоначалник, покрај Крстевски кој се самокандидираше, беше и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Марков.

Двајцата кандидати дадоа кратки образложенија пред советниците за своите кандидатури, а на седницата беа изнесени и низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати.

По изборот, Крстевски порача дека е време за обединување и работа. Додаде дека во фокусот на неговата работа ќе бидат младите.

„Фокусот ќе ми биде во младите бидејќи младите се движечка сила која треба да го изгради нашиот град. Одиме напред, со чесна и ефикасна работа, Кочани да биде поубаво и похумано место за живеење со цел да ја надминеме оваа апатија во која се наоѓа градот“, изјави Крстевски.

Пред гласањето, советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Атанасова-Арсова, низ солзи поднесе оставка од советничката функција, а изборот на нов в.д. градоначалник го оцени како недостоен и понижувачки.

Таа кажа дека нема да поддржи ниту еден од двајцата кандидати, а од граѓаните кои гласале за неа на локалните избори побара прошка затоа што, како што рече, не успеала да реализира многу работи што „не беа приоритет за градоначалникот и раководството“.

Синот на Атанасова-Арсова е еден од повредените млади лица во пожарот во објектот на „Пулс“.

„Од овој момент и во следниот период ќе се посветам на син ми којшто сè уште е во болница од несреќата и на сите оние деца кои треба да се вратат. Периодот ќе биде многу долг и многу напорен. Јас ќе се борам за нив и никогаш нема да заборавам дека сите идеали на овој свет не се вредни колку солзата на едно дете“, рече Атанасова-Арсова на крајот од својот говор.

Крстевски доби поддршка од советничката група на СДСМ и коалицијата, додека единствената советничка од редовите на Левица гласаше воздржано за двајцата кандидати.

Кочанскиот в.д. градоначалник беше избран со гласање во два круга, откако ниту еден кандидат не го доби потребното мнозинство од 10 гласа во првиот круг.