По тринаесет дена возење велосипедi, српските студенти кои се упатија кон Стразбур во потрага по правда, пристигнаа до својата конечна дестинација, пренесува Н1.
На плоштадот Клебер во Стразбур, нешто по 20 часот, пристигнаа српските студенти, завршувајќи ја својата велосипедска тура. Околу 80 студенти кои со велосипед тргнаа од Нови Сад на 3 април оваа година, пристигнаа во Стразбур каде што очекуваат да бидат примени во европските институции за да побараат правда за 16-те загинати при паѓањето на настрешницата на 1 ноември минатата година.
Нивната мисија, како што изјавија уште на почетокот – е светот да ја дознае вистината за Србија, институциите да реагираат и да извршат притисок врз властите, да го подигнат гласот во име на сите што се замолчени. На главниот плоштад е поставен црвен тепих, се веат српски знамиња и присутните носат различни транспаренти, најчесто со натписот „Пумпај“.
Соња Малетиќ, државјанка на Србија која веќе четири години студира медицина на Универзитетот во Стразбур, вели дека е таму за да им даде поддршка на своите врсници. „Им се восхитувам на тие луѓе, на моите врсници, за сè што направија и единственото што можам да кажам е – секоја чест. Не одам често во Србија па не бев на протестите, но мојот мал придонес е што сум денес овде.“
Утре студентите пред европските институции ќе бараат правда за настраданите под настрешницата во Нови Сад, а ќе бидат одржани и 16 минути тишина. По тринаесет дена возење велосипед, српските студенти кои се упатија кон Стразбур во потрага по правда, пристигнаа на својата конечна дестинација.
На пречекот на студентите, на плоштадот Клебер во центарот на Стразбур, се собраа повеќе од сто членови на локалната српска дијаспора, како и дијаспората од Швајцарија, Базел и од Париз, кои исто така дојдоа да ги пречекаат студентите и да им дадат поддршка.