САД и Кина се договорија значително да ги намалат царините на меѓусебните стоки за период од 90 дена, по преговорите што ги водеа изминатиот викенд, пренесува Гардијан
Зборувајќи од Женева, секретарот за финансии на САД, Скот Бесент изјави дека „двете страни ќе ги намалат царините за 115%“, откако се договориле за 90-дневна пауза.
Ова претставува значителна деескалација на трговската војна што ескалираше минатиот месец. Пред денешниот договор, САД ги зголемија царините на кинески производи на 145% (вклучувајќи и дополнителна царина од 20% за справување со увозот на фентанил), додека Пекинг возврати со царини од 125% на увозот од САД.
Бесент им изјави на новинарите дека „двете страни покажаа голема почит“ за време на разговорите и дека „двете имаме интерес од избалансирана трговија“.
На прашањето за деталите околу новите царини меѓу САД и Кина, трговскиот амбасадор Џејмисон Грир објасни дека денешниот договор се темели на реципроцитетната царина што ја воведоа САД на 2 април, како и на ескалаторните мерки што следеа од двете страни.
Тој вели дека и кинеската и американската страна завршиле со царини од 125% една на друга. „Сето тоа сега е намалено за 115%, па остануваат 10% на двете страни“, вели Грир.
Дополнително, САД воведоа и 20% царина поврзана со фентанилот, истакнува Грир (што е причината зошто вкупната царинска стапка на САД беше пријавена како 145%). Таа давачка, воведена од Доналд Трамп со цел да се поттикне Кина да го намали протокот на фентанил кон САД, се движи по одделна патека.
Според договорот постигнат минатиот викенд, реципроцитетната царина на САД за увоз од Кина се намалува на 30%, додека кинеската царина се намалува на 10%. Сепак, постојат и „секторски специфични“ царини што САД ги наплатува за увоз на челик и автомобили.
Скот Бесент открива дека „најголемото позитивно изненадување за мене од овој викенд“ било нивото на кинеска ангажираност околу кризата со фентанилот во САД.