Во Украина избувнаа протести откако претседателот Володимир Зеленски го потпиша законот со кој, според критичарите, се укинува независноста на клучните антикорупциски тела во земјата. Законот предизвика незадоволство и демонстрации во неколку градови, како и сериозни критики од меѓународната заедница, објави Би-Би-Си.
Критичарите укажуваат дека новиот закон ја поткопува автономијата на Националното антикорупциско биро (НАБУ) и Специјалното антикорупциско обвинителство (САПО), ставајќи ги под надлежност на јавниот обвинител.
Во обраќање во средата, Зеленски изјави дека двете институции ќе продолжат да „работат“, но дека треба да се исчистат од „руски влијанија“.
По усвојувањето на законот, стотици граѓани се собраа во Киев на најмасовниот антивладин протест од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Протести се одржаа и во Лавов, Днипро и Одеса.
„Ние ја избравме Европа, не автократија“, пишуваше на еден од транспарентите. На друг стоеше: „Татко ми не умре за ова“.
Со законот, главниот обвинител на Украина, и близок соработник на Зеленски, Руслан Кравченко, добива овластување да ги прераспределува истрагите за корупција на потенцијално попопустливите истражители па дури и да ги затвора.
Во своето ноќно обраќање, Зеленски ја критикуваше ефикасноста на антикорупциската инфраструктура, тврдејќи дека предметите „лежеле“ нерешени.
„Нема рационално објаснување зошто кривични постапки вредни милијарди со години ‘висат’“, рече тој и додаде дека јавниот обвинител ќе обезбеди „неизбежност на казната“ за оние што го прекршиле законот.
Но, според критичарите на законот, ваквиот потег е спротивен на повеќе од една деценија борба за демократија и антикорупција.
Токму тие аспирации ја поттикнаа револуцијата Евромајдан и падот на проруската влада на Виктор Јанукович во 2014 година, проследено со руската агресија и смртта на стотици илјади луѓе.
Украинската влада како причина за намалувањето на надлежностите на НАБУ ја наведе борбата против руското влијание.
Еден ден пред донесувањето на законот, украинската Служба за безбедност и канцеларијата на јавниот обвинител спроведоа претреси и апсења во НАБУ, таргетирајќи наводни руски шпиони.
Овој потег предизвика загриженост кај западните сојузници на Украина.
Независниот антикорупциски систем на Украина беше воспоставен токму на инсистирање и под супервизија на тие сојузници пред една деценија.
Станува збор за еден од клучните предуслови за добивање странска помош и зацврстување на односите, откако Украина се определи за демократски курс по првичната руска инвазија во 2014 година.
„Европската унија е загрижена за неодамнешните потези на Украина во однос на нејзините антикорупциски институции“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсје.
„ЕУ обезбедува значителна финансиска помош за Украина, под услов на напредок во транспарентноста, реформата на правосудството и демократското управување“, додаде тој.
Сузбивањето на корупцијата е исто така клучен услов за членството на Украина во ЕУ.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, го критикуваше донесувањето на законот.
„Демонтирањето на клучните безбедносни механизми за заштита на независноста на НАБУ е сериозен чекор назад“, напиша Кос на социјалните мрежи, додавајќи дека двете тела се „критични“ за европската интеграција на Украина.
Украинскиот вицепремиер за европска и евроатлантска интеграција, Тарас Качка, изјави дека ја уверил Кос дека нема да има компромиси во борбата против корупцијата и дека „сите клучни функции остануваат непроменети“.
Дмитро Кулеба, кој минатата година се повлече од функцијата министер за надворешни работи, изјави дека „ова е лош ден за Украина“ и дека претседателот имал избор, „дали ќе застане на страната на народот или не“.
Амбасадорите на Г7 земјите соопштија дека сакаат да разговараат со украинското раководство за притисоците врз НАБУ и САПО.
Сепак, западните сојузници на Украина се исклучително воздржани во однос на евентуално повлекување на помошта и соработката, во време кога украинската армија се соочува со тешки борби на фронтот.






