Со пораки за правда, болни сведоштва и апели за одговорност, денеска по третпат се одржа протестниот марш „Задоцнета реакција“ во Кочани, во знак на сеќавање на 62-те жртви од трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“. Семејствата на загинатите, заедно со стотици поддржувачи и граѓани, повторно побараа целосно расветлување на случајот и санкционирање на сите одговорни за смртта на нивните најблиски.
Маршот започна пред Паркот на револуцијата, а продолжи пред институциите за кои граѓаните сметаат дека ја сносат одговорноста: Општината Кочани, полицијата, Основниот суд и обвинителството.
На еден од транспарентите на чело на колоната пишуваше: „Пулс од 2012 до 2025, истрага од 2025 до 2038, судење од 2038 до ???“. Присутните на тој начин дадоа до знаење дека нема да отстапат од барањето за правда и најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се обелодени целата вистина и не се казнат виновниците. Тие укажаа на доцната реакција на надлежните институции, а прашаа и зошто голем дел од обвинетите беа пуштени во домашен притвор во очи на празникот Велигден.
„Обвинителство и обвинети, до кога планирате да ја одолговлекувате истрагата? Немате одговор. Зошто ги пуштивте убијците на нашите деца? Немате одговор. Ги пуштивте зошто сте корумпирани. Да го дочекаат празникот со нивните семејства. А, знаете ли дека ние ќе го дочекаме празникот? Не знаете. Еве ќе ви кажеме: доручек, ручек, вечера на гробишта. Дали нашите ангели го заслужија тоа?“, рече една од мајките на настраданите по што ја крена десната рака исцртана со црвена боја и додаде „Ова е крвта што ни ја зедовте од нашите деца!“
Потоа мајките, татковците и роднините на настраданите еден по еден кажаа по неколку збора за најблиските што ги загубиле:
- „Знаете што е ова, ова е ДиЏејот што загина во „Пулс“, кажете си мајки“, рече една од присутните.
- „Ова е фудбалерот“.
- „Ова е идниот инспектор што не дочека да биде“.
- „Ова е идниот моден дизајнер“.
- „Ова е програмерот што работеше во Асеко“.
- „Ова е берберот што чесно со го заработуваше лепчето, што остана без татко пред две години. Детето беше хумано и вадеше и помагаше“.
- „Ова е детето што се обидуваше да го изгаси пожарот“.
- „Ова е дипломиран инспектор по криминалистика што сакаше чесно да работи и да ги заштити сите деца на целиот свет и сите луѓе со човечки души“.
- „Ова е Стефанија Соколова која што студираше и имаше цел во животот да биде доктор, да помага, во нејзината хумана мисија учествуваше во голем дел од проекти во Црвен Крст за да помага на луѓето“.
- „Ова е Ивон Величков, келнер, кој сите го сакаа и го почитуваа“.
- „Ова е Драгана која што требаше да учи медицина“.
- „Ова е срцето мое што не успеа да си ги исполни соништата“.
- „Ова е таткото, синот што не може да си го запознае, што има ќеркичка и го бара секој ден“.
- „Ова е фудбалерот Андреј Лазаров што го знае цел свет“, говореа членовите на семејствата.
Тие прашаа зошто овие деца да ја платат цената на луѓе кои што биле алчни и корумпирани.
Тие рекоа дека не се задоволни од истрагата до сега бидејќи голем дел од осомничените се во домашен притвор.
Најавија дека вакви собири ќе организираат секоја недела за га ги потсетат „челницита на оваа скапана држава“ дека се тука и до „последен здив“ ќе ја бараат правдата за сите починат и повредени на 16 март.
„Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина“, рече една од мајките.
Дел од присутните говореа дека полицијата иако била присутна таа вечер не помогнала во извлекувањето на настаданите додека траел пожарот.
Папазов и ексдиректорите на пазарен инспекторат ќе чекаат судење дома, Бектеши останува во притвор