Одземени се десет автомобили поради основано сомнение за нивна техничка неисправност, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од таму велат дека денес во СВР Скопје било пријавено оти на булеварот „Трета македонска бригада“ се одвиваат таканаречени „диви трки“ со автомобили кои предизвикуваат голема бучава. По пријавата, полицијата ги запрела возилата и привремено ги одзела.

„На 06.04.2025 во СВР Скопје било пријавено дека на бул. „Трета македонска бригада“, се одвиваат т.н. диви трки со патнички моторни возила кои предизвикуваат голема бучава. Веднаш по пријавата од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје преземени се мерки и активности, при што истите се сопрени и  привремено се одземени 10 патнички моторни возила поради основано сомнение за техничка неисправност на возила“, соопштија од МВР.

Меѓу одземените автомобили, на фотографиите од полицијата може да се видат возила „Порше“, „БМВ“, „Форд Мустанг“, „Ауди“, „Мерцедес“ и други.

Од МВР велат дека одземените возила ќе бидат однесени во станица за технички преглед од каде од страна на стручни лица ќе се утврдува дали возилата се технички исправни и дали ги исполнуваат условите за учество во сообраќајот.