Глобалниот раст на технологијата за вештачка интелигенција (АИ) до крајот на оваа деценија ќе бара речиси исто толку енергија колку што денес користи Јапонија, но само околу половина од побарувачката веројатно ќе се задоволи од обновливи извори.
Само во САД, обработката на податоците, главно за вештачката интелигенција, ќе троши повеќе електрична енергија до 2030 година отколку производството на челик, цемент, хемикалии и сите други енергетски стоки заедно, покажува извештајот на Меѓународната агенција за енергија, а пренесува Гардијан.
Извештајот вели дека глобалната побарувачка на струја од центрите за податоци ќе се удвои до 2030 година. АИ ќе биде главниот двигател на тоа зголемување, при што побарувачката само од центрите за податоци посветени на вештачката интелигенција се предвидува да порасне повеќе од четири пати.
Еден податочен центар денес троши електрична енергија колку 100.000 домаќинства, но на некои од оние кои моментално се градат ќе им треба 20 пати повеќе.
Сепак, во извештајот објавен вчера се вели дека стравувањата оти брзото усвојување на АИ ќе ги уништи надежите за справување со климатската криза се „преценети“.
Тоа е затоа што искористувањето на вештачката интелигенција за поефикасно користење на енергијата и другите активности може да резултира со заштеди што ги намалуваат емисиите на стакленички гасови во иднина, пренесува Гардијан.
„Со подемот на вештачката интелигенција, енергетскиот сектор е во првите редови на една од најважните технолошки револуции на нашето време. ВИ е алатка, потенцијално неверојатно моќна, но зависи од нас – нашите општества, влади и компании – како ќе ја користиме“, вели Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија.
Вештачката интелигенција, исто така, може да помогне со нови технологии како што се возила без возач или откривање закани за виталната инфраструктура. Технологијата може да се користи и за планирање на јавниот превоз за оптимизирање за патувањата на луѓето или за дизајнирање градови или сообраќајни системи. Рударските компании би можеле да користат вештачка интелигенција за откривање и искористување на резервите на критичните минерали, кои се клучни за модерните компоненти за обновлива енергија, како што се соларни панели, турбини на ветер и електрични возила.
Ваквата употреба би можела да надомести некои од огромните барања што вештачката интелигенција ќе ги постави на светските енергетски системи. Но, тоа веројатно ќе бара поголема насока од владите, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за енергија.