Американската вселенска агенција Национална аеронаутичко-вселенска управа – НАСА најави премиера на нов документарец за тоа како нашата планета се брани од астероиди, насловен „Бранители на планетата“ (анг. „Planetary Defenders”).

„Што треба да направи човештвото ако открие дека астероид ќе ја погоди Земјата?“ НАСА одговара на ова прашање преку документарецот кој ги презентира активностите на научниците и инженерите кои работат на откривање, следење и намалување на штети од закани од астероиди. Во филмот ќе бидат претставени сведоштва од експерти кои се на првата борбена линија на вакви напори и објаснија за научните методи, технологијата и личната посветеност на бранителите на планетата. Една од поентите на филмот е да се прикаже тимската работа која го овозможува овој критичен глобален напор.

НАСА веќе објави трејлер за филмот, а премиерата е закажана за 16 април (среда) на веб-сајтот NASA+.

Специјалната премиера на Јутјуб е закажана за 16:30 по источно време во САД (EDT), односно за 22:30 часот по централно европско летно време (CEST) во нашата временска зона.

Настанот ќе го опфати првото јавно прикажување на филмот, заедно со сесија за прашања и одговори со експертите за одбрана на планетата од НАСА.

Наса објави и ресурси за дигитални креатори со информации како може да се придружат во активностите за одбрана на планетата од ризици кои доаѓаат од вселената. Сето ова е организирано од Канцеларијата за координација на планетарна одбрана на НАСА, која е основана 2016 година.