Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинение против 25-годишениот жител на Старо Нагоричане, осомничен за четири убиства и два обиди за убиство извршени во период од нешто повеќе од една година во кумановскиот регион. Станува збор за случај кој со месеци ја потресуваше јавноста, откако истрагата поврза повеќе смртни случаи на жени од руралните средини со ист сторител.

Според обвинението, првото убиство било извршено ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, каде обвинетиот усмртил повозрасна жена додека спиела во својот дом. Второто убиство, според Обвинителството, се случило меѓу 5 и 7 јуни 2025 година во селото Драгоманце.

На 22 јули 2025 година во селото Челопек се обидел да убие уште една жена, но таа успеала да го исплаши повикувајќи го својот син, по што напаѓачот избегал.

Следното убиство било извршено меѓу 17 и 18 јануари 2026 година во Старо Нагоричане, а потоа и уште едно во Челопек меѓу 5 и 6 февруари 2026 година. Последниот евидентиран напад беше на 9 февруари годинава, кога повторно во Челопек се обидел да убие жена, но побегнал откако слушнал звук.

Обвинителството наведува дека вештачењата покажале оти делата биле извршувани од „други ниски побуди“, односно со намера обвинетиот да ги задоволува своите полови нагони врз телата на жртвите. Најголем дел од жртвите биле повозрасни жени кои живееле сами и биле особено ранливи.

Toj е обвинет дека со умисла лишил од живот повеќе лица, затоа според член 123 став 3 од Кривичниот законик му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Случајот привлече огромно внимание во јавноста уште од моментот кога Министерството за внатрешни работи го приведе осомничениот. Во текот на истрагата беа извршени дополнителни вештачења и ексхумации на претходно починати жени, откако се појавија сомнежи дека нивната смрт можеби не била природна. Токму тие дополнителни истражни дејствија придонесоа дел од случаите првично заведени како смрт без сомнителни околности да бидат преквалификувани во убиства.

Јавниот обвинител побарал продолжување на мерката притвор за обвинетиот до завршување на судската постапка.