Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека неговата земја „никогаш“ нема да се покори пред Соединетите Американски Држави, прогласувајќи победа на федералните избори рано во вторникот, по кампања засенета од постојани провокации и високи трговски царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.

Лидерот на Либералната партија упати остар прекор до Трамп, испраќајќи порака на единство до поделената нација, ветувајќи дека ќе „ги претставува сите што ја нарекуваат Канада свој дом“.

„Како што предупредувам со месеци, Америка ги сака нашите земји, нашите ресурси, нашата вода, нашата земја. Но, тоа не се празни закани. Претседателот Трамп се обидува да не скрши за Америка да може да нè поседува,“ рече Карни. „Тоа никогаш, ама никогаш нема да се случи.“

Карни ги повтори своите изјави од изборната кампања за драстично променетата природа на односите меѓу Канада и САД. „Ја надминавме шокантноста од американското предавство, но никогаш не смееме да ги заборавиме лекциите. Мораме да се грижиме за себе. А над сè, мораме да се грижиме едни за други,“ рече тој.

Гласачите ја вратија Либералната партија на власт по четврти пат по ред, но останува да се види дали Карни обезбедил мнозинство или ќе му бидат потребни коалициски партнери за да владее. Партијата треба да освои 172 пратенички места за да формира мнозинство. Според прогнозата на CTV, се очекува малцинска влада, додека CBC вели дека е рано да се процени дали ќе се достигне мнозинство.

Лидерот на конзервативната опозиција, Пјер Поалијевр, ја призна поразот рано во вторникот, изјавувајќи дека Карни освоил доволно мандати за да формира „мнозинство со минимална разлика“.

Поранешниот гувернер на централната банка, Карни (60), предводеше бран на анти-Трамп реторика откако со огромно мнозинство ја презеде лидерската позиција во партијата, откако поранешниот премиер Џастин Трудо поднесе оставка минатиот месец. Тој ја мобилизираше јавноста против заканите од американскиот претседател за анексија на земјата како „51-та држава“, ставајќи ја одбраната на Канада во центарот на својата програма.

Поалијевр важеше за фаворит кога Трудо ја објави својата оставка во јануари, поради лоши анкети, сериозна криза на животниот стандард и внатрешен бунт во кабинетот. Но, тарифите на Трамп за канадски производи и заканите кон нејзиниот суверенитет драматично ја трансформираа трката во нешто што личеше на референдум против американскиот претседател.

Поалијевр изјави дека неговите Конзервативци ќе соработуваат со Карни и другите партии во „одбраната на интересите на Канада“ и „заштитата на нејзиниот суверенитет“.

„Секогаш ќе ја ставаме Канада на прво место додека се соочуваме со царините и другите неодговорни закани од претседателот Трамп,“ рече тој.

Карни никогаш претходно не вршел политичка функција пред да стане премиер. Неговите децении во финансиите го водеа низ големи глобални кризи и турбуленции, вклучувајќи го и водењето на канадската економија низ финансиската криза во 2008 година. Како гувернер на Банката на Англија, тој ѝ помогна на Обединетото Кралство да го надмине Брегзит – што, според него, е слично на она што може да ѝ се случи на Америка поради царините.

Идејата дека Канада треба да си го трасира својот пат надвор од влијанието на САД е централна порака на Карни од кога ја презеде функцијата. Во текот на кампањата, Карни се претставуваше како искусен професионалец од политичкиот центар кој може да ја води економијата на Канада низ период на длабоки превирања.

„Јас разбирам како функционира светот,“ му рече Карни на подкастерот Нејт Ерскин-Смит во октомври. „Ги познавам луѓето што раководат со најголемите компании во светот и знам како функционираат. Знам како функционираат финансиските институции. Знам како функционираат пазарите … и се обидувам сето тоа да го применам за доброто на Канада.“