Израелски воздушен напад врз камп со шатори во рамките на болничкиот комплекс во јужниот дел на градот Кхан Јунис, Газа, усмрти 10 лица, меѓу кои и новинар, а десетици други беа сериозно повредени откако кампот се запали, пренесува Гардијан.

Фотографии и видеа од дворот на болницата Насер во Кхан Јунис покажуваат луѓе како очајно се обидуваат да ги изгаснат пожарите што се проширија низ редица шатори. Едно видео прикажува луѓе кои викаат додека сведок се обидува да помести запален мебел, додека новинарот, подоцна идентификуван како Ахмед Мансур од новинската куќа „Палестина денес“, седи опкружен со пламен. И за жал новинарот гори жив во пожарот.

Неговиот колега Хелми ал-Факави загина во нападот, а најмалку девет други новинари беа меѓу повредените. Мансур доби третман за тешки изгореници, додека фотографот Хасан Аслех наводно е во стабилна состојба по повреда на главата и исеченици на десната рака.

Палестинското министерство за надворешни работи во Рамала соопшти дека во нападот биле убиени 10 лица, а многу други повредени. Министерството ја нарече смртта на ал-Факави „вонсудско егзекутирање“ и дел од растечките злосторства против новинари и обид за спречување на медиумите да известуваат од теренот.

Десетици новинари во Газа им се придружија на роднините на ал-Факави за неговата погребна церемонија, ставајќи сино заштитно елече врз белата покривка на неговото тело на носилка. Со неговата смрт, бројот на убиени палестински новинари од октомври 2023 досега достигна 207, според министерството за надворешни работи во окупираниот Западен Брег.

„Ќе продолжиме да ја пренесуваме пораката и вистината до целиот свет. Тоа е наша хуманитарна должност,“ изјави новинарот Абд Шаат за Ројтерс. Тој рече дека звукот од нападот ги разбудил, а потоа виделе дека блискиот шатор во кој престојувале нивните колеги бил во пламен.

Од почетокот на израелското бомбардирање на Појасот Газа, стотици луѓе побараа засолниште во кампови во болничките комплекси низ опколената територија, надевајќи се дека близината до болниците ќе обезбеди барем некаква сигурност.

Израелските одбранбени сили (IDF) и безбедносната агенција Шин Бет соопштија дека воздушниот напад бил насочен кон Аслех, кого го обвинија дека е член на Хамас. Во соопштението, IDF го обвини Аслех дека учествувал во нападот на израелски градови и кибуци на 7 октомври 2023, при што беа убиени 1.200 луѓе, а 250 земени како заложници.

„Тој учествувал во нападот така што објавувал снимки од грабежи, палење и убиства на социјалните мрежи,“ соопшти IDF. Аслех објавувал фотографии и видеа на својот Инстаграм профил, следен од 571.000 луѓе, документирајќи ги последиците од израелските напади врз Газа.

Неговата најнова објава прикажуваше погреб на новинарката Ислам Микдад, нејзиното сино заштитно елече исто така беше поставено врз белата покривка на нејзиното тело, во погребен ритуал за новинари. Микдад беше убиена во напад врз зградата каде што се засолнила со нејзиниот мал син во западен Кхан Јунис.