„Системот заборава, ние не!“ – под овој слоган, иницијативата „Кој е следен?“ најави уште еден протест што ќе се одржи утре, четврток, со почеток во 18:00 часот пред Владата. Од таму, предвиден е марш преку Судскиот совет и Собранието до Кривичниот суд.
„Системот заборава – но, ние не забораваме. Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да не исплашат, секоја неправда со која сакаат да не замолчат“, се вели во најавата на протестот.
Од таму велат дека два месеца граѓаните бараат промена, „но ништо не се менува“.
„По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки“, велат од „Кој е следен?“.
„Затоа, ако си работник што гине на работно место без основни работни услови, мајка што не спие додека детето не се врати дома, младо лице што заминува затоа што нема за што да остане, студент што плаќа за „бесплатно“ образование, доктор што работи со скршена опрема, учител кој е оставен сам на себе, пензионер што одвај преживува, ако си граѓанин на кој системот му го одземал достоинството – ова е твојот повик“, стои во најавата за утрешниот протест.